Yoga

Јогата и врските: Растегнување кон посветеност

Од Мерилин Галан

Неколку минути после 5 часот наутро, почеток на мојата дневна јогистичка пракса. Мојата десна нога е испружена напред, десното стопало покажува нанапред. Мојата лева нога е поставена исправено и цврсто зад мене. Вдишувам и ги подигнувам рацете, растегнувајќи ги полека кон двете страни. Погледнувам преку десната дланка, сите нејзини прсти се истегнуваат во една линија спротивно од десното рамо. Ова е Virabhadrasana или јога позиција на Воин II. Се чувствувам добро.

Блескање во јога позицијата

Врската е како јога позиција. Влегувајќи во врска, почнуваат да ви цветаат рози. Ѕвездите светкаат во очите на другиот. Се чувствувате како славен херој кој тукушто го спасил светот од големиот непријател. Сончевата светлина е како сакана, топла прегратка, дождот е течна среќа.  Има приказна за јога позицијата Virabhadra. Како што е кажано во Mahabharata, големиот духовен хиндуистички еп, Шакти, љубената на богот Шива, била ќерка на неговиот непријател Дакша. Таткото на Шакти отворено се спротивставил на бракот. Шакти толку се растажила од неодобрувањето на татко и, што сама си го одзела животот. Воинот Вирабадра се родил од кадрицата на Шива, која тој ја положил на земјата додека ја осветувал смртта на својата жена.

Употребете ја јогата за да ја омекнете комуникацијата во врската

Во тој блесок на енергија, богот Шива морал да практикува јога. Техниката на јога дишење која паровите може да ја користат за среќна врска е наречена „Хммм!“ здив. Оваа техника на дишење може моментално да го смири умот и врската, тогаш кога почнува да се издигнува тензија. За да го користите „Хммм!“ здивот: започнете со тоа што ќе се засолните во тивок агол. Едноставно покријте ги носот и устата со марамче и изговорете гласно „Хммм!“ со затворена уста. Повторете онолку пати колку што е потребно.

Јогата и дозволува на љубовта да се случи

Во јогата како и во љубовта, трикот е да му дозволите на процесот да се случи. Ова е умот кој вика „Да“. „Да“ е балансот потребен за да се создаде рај од комуникацијата, место за одмор во врската. „Да“ еден кон друг значи: „да“ за давање простор еден на друг и „да“ за само да бидете заедно во тишина. Тоа значи да се кажува „да“ на грешките кои ги правите, непредвидените очекувања и слабости. Оваа духовна мудрост може да донесе сила за да не паднете од јога позицијата.

Да се остане во центар во јога позицијата

Шри Шри Рави Шанкар, основачот на Уметност на живеење вели: „ Љубовта не е емоција. Таа е вашата вистинска природа.“ Преку вежбањето јога, пранајами (јогистички вежби за дишење) и Сударшан Крија, техника нa дишење на Уметност на живеење за ослободување на стресот, оваа вистина ми стана многу поочигледна. Со секојдневното практицирање јога, сфатив дека насмевката и таа топла, нејасна среќа која ја чувствувам после мирната медитација е всушност вистинската јас. Ова чувство на смиреност, на тивко набљудување е исто како  и успешно  избалансирана јога позиција.

Малку тетеравење е природно

Понекогаш во јога позицијата Воин II, чувствувам притисок во грбот, резултат на долги часови работа на компјутер. Бранови на непријатност зрачат од крцкавото мускулно ткиво на мојот грб, а јас ги затворам очите. Диши, си велам себеси, дозволувајќи си да дишам јога дишење, да бидам сведок на ова неудобно чувство. Мускулите не се сигурни за тоа што треба да прават, збунети се од оваа нова ситуација. Одеднаш, нештата престануваат да бидат природни, нешто не е сосема во ред. Почнувам да ја губам рамнотежата. Земајќи длабоки здивови, се согласувам да бидам сведок на овој дискомфорт и со малце тетеравење и клатење во позицијата се враќам во баланс.

Да се биде сведок на процесот на една врска, на една јога позиција, бара верба и сила. Понекогаш треба да направам дополнителен простор помеѓу моите рамења. Тоа значи мало прилагодување на едното тука и можеби спуштање на другото таму. Го гледам мојот здив. Постои дискомфорт, но ова се моите рамења и тие не одат никаде.

Јогата и сомнежот

Дали станува збор за јога позиција или за врска, може да се појават сомнежи кога ќе се случи нешто неочекувано или разочарувачки. Шри Шри Рави Шанкар вели дека сомнежот може дури да биде и позитивен. „Знаете, ако некој ви каже дека ве сака вие велите: Навистина? Навистина ли ме сакаш?“ вели Шри Шри. „Но, ја земате здраво за готово омразата која некој ќе ја искаже кон вас. Ако некој ве праша: Дали си среќен?, велите: Па, не сум сигурен. Се сомневаме во љубовта. Никогаш не се сомневате во вашата депресија, но секогаш се сомневате во вашата среќа. Значи, сомнежот секогаш се однесува на нешто што е позитивно.“

Јогата на љубовта

Во врските, Шри Шри вели: „Има две тајни: една за мажите и една за жените. Жените треба секогаш да го хранат егото на мажот. Кога е уморен, кога насекаде наидува на обвинувања, единственото место каде ќе се сврти за да најде утеха е неговата жена. Таа треба да го поддржи 100 проценти и да не го обесхрабрува.“ За мажите, Шри Шри советува: „Мажите никогаш не треба да згазнат на емоциите на жената. Никогаш не кажувајте лоши работи за нејзиното семејство, нејзиното детство, нејзиното минато или нејиното хоби. Ако сака да оди на медитација, нешто религиозно, никогаш не велете не, бидејќи ова и се нејзе многу драги нешта. Само бидете стабилни, насмевнете се.“

Место на љубов

Умот кој вика „да“ произведува насмевка. Парот може да одвои време за да си ги потхрануваат насмевките заедно и одделно. Вежбањето јога заедно или ангажираноста во волонтерскиот центар се два начина да се остане духовно поврзан. И таа великодушност во службата, давањето на себеси со љубов, ќе протече назад во врската. Тоа е законот на универзумот.

Дозволувањето секој да помине време сам со себе е исто толку важно колку и самата врска. „За љубовта да цвета треба да има копнеење ... а на копнеењето му треба малку простор“, вели Шри Шри. „И покрај тоа што е малку болно, копнеењето е неизбежно. Ако не копнеете, тогаш љубовта не расте. Значи, дајте малку простор ... и земете малку простор за себе.“

Како рамнотежата на петте елементи во природата, во јога асаната Воин II јас балансирам помеѓу петте точки на моето тело: главата, двете раце и двете нозе. Во оваа јога позиција понекогаш се фаќам себеси како обрнувам повеќе внимание за да ги наместам рацете. Друг пат, сакам да ја продлабочам врската на моите стапала со земјата. Негувањето на група за поддршка составена од пријатели и семејство ја негува врската. Поминувањето на квалитетно време со пријателите, поминувањето на време сам со природата или едноставно останувањето во тивка осаменост може да ја продлабочи врската со Сепството.

Време за почит

Како што времето во врската поминува, парот може да посведочи дека очекувањата и ставовите се менуваат. Врската може да стане подобра со повеќе јога и медитативна пракса. Можеме да научиме како подобро да комуницираме во врската, да бидеме потрпеливи и да проштеваме. Повторно и повторно, кругот се врти од рози и величествена среќа до моментални разнишувања. Можеби ќе дојде до збунетост кога ќе затресат малите земјотреси. Решеноста е она што ја задржува јога позицијата тогаш кога ќе решите да не паднете. Духовноста е она што дава сила за да се види тоа.

Дури и богот Шива бил жртва на овој циклус. Неговата сакана Шакти на крајот му се вратила назад, реинкарнирана како Парвати во нејзиниот следен живот, иако тоа сепак била истата душа.

(Мерилин е јога ентузијаст која сака да ги вметнува нејзините инспирации за јога позициите и духовноста во нејзиното пишување и уметност.)